ПРВ.мк
Македонија

ЌЕ ПЛАЌААТ ЛИ СТУДЕНТИТЕ ЗА ГРАДСКИ ПРЕВОЗ? ЈСП со важна порака за бесплатните билети и дигиталните пасови!

ЌЕ ПЛАЌААТ ЛИ СТУДЕНТИТЕ ЗА ГРАДСКИ ПРЕВОЗ? ЈСП со важна порака за бесплатните билети и дигиталните пасови!

Бесплатниот студентски превоз во Скопје останува и преминувањето на дигитални пасови не го менува правото на студентите да ја користат оваа поволност, соопшти ЈСП Скопје.

Од претпријатието реагираат на обвинувањата дека се одговорни за сите пријавени проблеми со дигиталните студентски пасови, оценувајќи дека таквите тврдења се неосновани доколку претходно не се провери секој случај поединечно.

Од ЈСП посочуваат дека постапуваат исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци што ги добиваат од овластените лица определени од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Мајка Тереза“, како и од останатите универзитети и факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на податоците што се доставуваат се обврска на самите високообразовни установи.

Во соопштението се наведуваат и неколку проблеми што биле утврдени при проверките. Меѓу нив се погрешно внесени адреси на електронска пошта, обиди истиот дигитален пас да се инсталира на два различни уреди, поради што доаѓа до негово блокирање, како и паралелно користење на дигитален пас и електронска картичка.

Од ЈСП објаснуваат дека блокирањето на досегашните картички е дел од мерките за спречување двојно користење на поволностите и евентуални злоупотреби.

Претпријатието нагласува дека самиот број на пријавени проблеми не е доволен за да се утврди ниту причината за нивното настанување, ниту кој е одговорен за нив.

„ЈСП останува достапно за нивно разрешување во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе доставените појаснувања. Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти“, наведуваат од ЈСП Скопје.

Оттаму повторуваат дека воведувањето на дигиталните пасови не значи укинување на бесплатниот студентски превоз, туку промена на начинот на негово користење.