Тешка сообраќајна несреќа била пријавена синоќа во Струмица, откако паркирано патничко возило самостојно се придвижило и удрило во 35-годишен маж, нанесувајќи му тешки телесни повреди.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен околу 20 часот во СВР Струмица. Инцидентот се случил на улицата „5 Ноември“, каде што повредениот Џ.Ш. од Струмица ги паркирал своите две патнички возила, „пежо“ и „мерцедес“, со струмички регистарски ознаки, едно зад друго.
При паркирањето, тој не ги презел сите неопходни мерки за возилата да бидат безбедно обезбедени. Како последица на тоа, „мерцедесот“ сам се придвижил, при што го удрил сопственикот, а потоа удрил и во „пежото“, кое било паркирано пред него.
По несреќата, повредениот 35-годишник веднаш бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица, каде што лекарите му ги констатирале повредите и утврдиле дека станува збор за тешки телесни повреди.
На местото на настанот бил извршен увид од екипа на СВР Струмица, која ги утврдувала околностите под кои дошло до несреќата.




