ПРВ.мк
Црна Хроника

СТРАВИЧЕН ИНЦИДЕНТ НА ГАК: На новороденче старо само два дена му отсекле дел од прст при вадење на инфузија!

СТРАВИЧЕН ИНЦИДЕНТ НА ГАК: На новороденче старо само два дена му отсекле дел од прст при вадење на инфузија!

Сериозен инцидент е пријавен на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, каде што новороденче старо само два дена било повредено при обид за отстранување на инфузијата. При интервенцијата, со ножици му бил отсечен дел од прстот, по што бебето веднаш било пренесено на Клиниката за детска хирургија, каде што било оперирано.

За случајот во јавноста информираше таткото на бебето, Аднан Азизи, кој раскажа дека повредата настанала во моментот кога медицинскиот персонал се обидувал да ја отстрани инфузијата од раката на новороденчето. Неговата изјава ја објави порталот „Газета Шнета“.

Азизи објаснил дека сопругата го повикала да дојде во болницата за да ги земе од таму. Откако ги завршиле потребните административни процедури и чекале да им го донесат девојчето, се случил инцидентот.

„Ми се јави сопругата да дојдам да ги земам од болница. Ги средивме сите документи и додека чекавме да ни го донесат девојчето, се обиделе да му ја отстранат инфузијата, која била прицврстена со леплива лента и завој. При обидот да ја отстранат инфузијата со ножици, му го пресекле прстот“, изјавил таткото.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство го потврдија настанот, посочувајќи дека се случил на 16 ноември. Според нивното соопштение, веднаш штом била констатирана повредата, бил повикан детски хирург, а новороденчето било префрлено на Клиниката за детска хирургија за да продолжи лекувањето.

Од ГАК информираат дека случајот бил евидентиран и пријавен како несакан настан. Дополнително, во текот на вчерашниот ден бил разгледан и од Комисијата за квалитет.

Од Клиниката нагласуваат дека ваквите инциденти се третираат со највисоко ниво на сериозност и дека нема да има толеранција доколку се утврдат пропусти во постапувањето на медицинскиот персонал.

„Нагласуваме дека ваквите настани се третираат со највисок степен на сериозност и дека нема да има толеранција за евентуално утврдени пропусти во постапувањето. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи. Безбедноста на пациентите, особено на новороденчињата, останува наш апсолутен приоритет, а институцијата ќе постапува транспарентно, одговорно и во согласност со утврдените процедури“, соопштија од ГАК.

Од Клиниката дополнително информираат дека е закажан состанок на Дисциплинската комисија. Целта е целосно и објективно да се утврдат сите факти, околностите под кои дошло до повредата, како и евентуалната индивидуална одговорност на лицата вклучени во постапката.