ПРВ.мк
Македонија

КЛЕКОВСКИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА „НИЗ ПРИЗМАТА“: Аутизмот е предизвик што сè уште е недоволно препознаен во нашето општество

КЛЕКОВСКИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА „НИЗ ПРИЗМАТА“: Аутизмот е предизвик што сè уште е недоволно препознаен во нашето општество

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска се обрати на отворањето на Меѓународната конференција за аутизам „Низ призмата“ во Скопје, во организација на Фондацијата „д-р Верица Механџиска“.

Во своето обраќање, тој ја нагласи потребата од координирано делување меѓу институциите за полесно справување со оваа состојба.

„За мене ова е настан што отвора очи — аутизмот е предизвик кој сè уште е недоволно препознаен во нашето општество. Ова е конференција која го внесува аутизмот во центарот на главните текови и го нагласува повеќесекторскиот пристап — здравство, социјална политика и образование заедно“, истакна Клековски.

Тој упати и признание до Фондацијата „д-р Верица Механџиска“ за фокусот што го става врз овој значаен здравствен и општествен предизвик.

На свеченото отворање на настанот говореа и Викторија Механџиска, претседателка на Управниот одбор на Фондацијата и генерална директорка на „Зегин“, министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, како и проф. д-р Аспазија Софијанова, претседател на Здружението на педијатри на Македонија.

Конференцијата се одржува од 18 до 20 ноември во Скопје, а на неа учествуваат водечки светски стручњаци. Меѓу нив се проф. д-р Стефано Паланти, кој ќе има излагање за неинвазивната невромодулација (rTMS и tPBM) кај нарушувањата од спектарот на аутизам, како и проф. Илан Дијнштајн, кој ќе ги презентира најновите истражувања за раниот развој на аутизмот со помош на техники засновани на вештачка интелигенција.