Албанија се соочува со повеќемесечни антивладини протести, кои прераснаа во масовно студентско движење со барања за оставка на премиерот Еди Рама, формирање техничка влада и распишување нови избори, пишува хрватски „Експрес“.
Незадоволството започнало во мај со протести против изградбата на луксузен туристички комплекс во заштитено природно подрачје, проект во кој е вклучен Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Ситуацијата дополнително се влошила во октомври, кога на протестите се приклучиле студенти и средношколци, незадоволни од високите трошоци за образование, условите на универзитетите и корупцијата.
Полицајците наводно добивале бонуси од 2.500 евра
Според хрватскиот медиум, во судирите меѓу демонстрантите и полицијата биле повредени стотици лица, а голем број демонстранти биле приведени.
Медиумот наведува и дека полицајците ангажирани во задушувањето на протестите наводно добивале парични бонуси од околу 2.500 евра.

Албанската влада, според истиот извор, подготвила и нови законски мерки со кои за учество во неодобрени протести се предвидуваат парични казни повисоки од 5.000 евра и ограничувања на движењето.
Најавен нов масовен протест
Рама одбива да поднесе оставка, нагласувајќи дека власта се менува на демократски избори, а не преку улична револуција.
Студентските организации најавија нов голем протест во Тирана за сабота, 28 ноември, кога Албанија го одбележува Денот на независноста.








