Необична грешка на белгиската Национална лотарија предизвикала голема забуна меѓу играчите на популарната европска лотарија „Еуромилионс“.
Поради неправилно прикажување на податоците, во електронското известување со резултатите било наведено дека дури 350.188 играчи, меѓу кои 6.718 Белгијци, го освоиле џекпотот вреден 46 милиони евра.
Пораката предизвикала недоразбирање кај голем број играчи, кои помислиле дека ја освоиле главната награда, но дека ќе мора да ја поделат со стотици илјади други добитници.
Доколку информацијата била точна, секој добитник би добил само околу 131 евро.
Од Националната лотарија објасниле дека станува збор за грешка во општото електронско известување за распределбата на наградите и дека никој не добил индивидуална потврда за освоен џекпот.
Засегнатите играчи ќе добијат дополнително известување со објаснување за настанатиот проблем, а надлежните служби работат на негово отстранување.
„Еуромилионс“ се организира повеќе од две децении, а веројатноста за освојување на главната награда изнесува приближно еден спрема 139 милиони.
Бидејќи на претходното извлекување немало добитник на џекпотот, главната награда за следното извлекување се зголемила на 59 милиони евра.







