Несекојдневна спасувачка акција се одвивала во зоолошкиот парк во Пјерлат, на југот на Франција, каде што пожарникарите интервенирале за да му помогнат на крокодил долг 4,5 метри и тежок околу 400 килограми.
Крокодилот по име Жорж се нашол во неволја откако во грлото му се заглавила говедска коска.

Негувателите го забележале проблемот неколку дена претходно, но поради големината на животното и ризикот што го носела интервенцијата, побарале помош од специјализираниот тим за спасување животни при пожарникарската служба, пренесува францускиот весник „Le Parisien“.

Пожарникарите најпрво го обезбедиле крокодилот, по што негувателите со помош на специјални долги клешти успеале да ја отстранат заглавената коска.

Целата интервенција траела околу еден час, а крокодилот, и покрај сложеноста на постапката, останал мирен.

За среќа, спасувачката акција завршила успешно. Од пожарникарската служба соопштиле дека Жорж закрепнал и дека неговата здравствена состојба е добра.








