ПРВ.мк
Балкан

Петмина вооружени талибанци му влегле во собата: Србин раскажа што се случувало потоа

Петмина вооружени талибанци му влегле во собата: Србин раскажа што се случувало потоа

Српскиот велосипедист Драган Шибалиќ од Крагуевац доживеал необична и на моменти драматична ситуација за време на своето патување низ Авганистан, кога вооружени талибанци го пронашле во напуштен објект, а потоа го одвеле во нивната база.

Случката се случила додека Шибалиќ патувал со велосипед кон Монт Еверест. По напорниот ден и околу 40 поминати километри, пристигнал во областа Суроби, каде што безуспешно барал хотел. На крајот, локален жител го одвел во напуштена зграда во која имало кревет и каде што решил да преноќи.

Додека одморал, го разбудиле силна врева и отворањето на металната врата. Во просторијата влегле петмина вооружени талибанци.

Шибалиќ раскажува дека првично се исплашил, но ситуацијата набрзо добила сосема неочекуван тек. Мажите му донеле кеса со калинки, му помогнале да го внесе велосипедот во собата и му покажале како да ја обезбеди вратата. Според неговото сведоштво, тие го предупредиле дека местото каде што планирал да спие не е безбедно и му покажале каде се наоѓа нивната база.

Подоцна повторно се вратиле, овојпат во поголема група. Преку телефон разговарал со млад човек кој зборувал англиски и кој му објаснил дека не треба да остане во напуштениот објект поради безбедносни причини.

Шибалиќ прифатил да замине со нив, по што бил одведен во талибанската база. Како што раскажува, таткото на човекот со кого разговарал преку телефон бил командант на базата.

Таму му обезбедиле место за спиење, му донеле чај и храна и разговарале со него за неговото патување, семејството и животот, користејќи и интернет-преведувач за полесно да се разберат.

Најнеобичниот момент, според неговото сведоштво, следувал кога дошло време за спиење. Талибанците му помогнале да се смести и го покриле со ќебиња, а тројца од нив останале да спијат во истата просторија.

Приказната, според српските медиуми, Шибалиќ првично ја споделил на својот профил на социјалните мрежи во декември 2024 година, а искуството е дел од неговите патувања низ Авганистан.