ПРВ.мк
Црна Хроника

Страшна трагедија: Пожар зафати две училишта, најмалку 24 деца загинаа во стампедо

Страшна трагедија: Пожар зафати две училишта, најмалку 24 деца загинаа во стампедо

Најмалку 24 ученици загинаа во стампедо додека се обидувале да избегаат од голем пожар што зафатил две училишта во градот Букаву, во источниот дел на Демократска Република Конго.

Пожарот избувнал во густо населена населба и со голема брзина се проширил кон двете училишни згради во момент кога во нив се одвивала настава.

Според локалните власти, при обидот за евакуација настанала паника и стампедо во кое животот го загубиле најмалку 24 ученици. Има и поголем број повредени, кои биле пренесени во околните болници.

Огнената стихија пред да биде ставена под контрола уништила и околу 300 домови. Очевидци сведочат дека густ чад со часови се издигал над населбата, додека меѓу повредените имало и возрасни лица.

Причината за пожарот засега не е утврдена.

Министерството за национално образование на ДР Конго изрази сочувство до семејствата на загинатите и соопшти дека бројот на жртвите сè уште не е конечен поради големиот број повредени.

Властите најавија итна проценка на штетите на училишните објекти со цел да се обезбедат услови за продолжување на наставата за учениците кои ја преживеале трагедијата.

Ситуацијата во Букаву е дополнително комплицирана поради безбедносните услови во регионот и фактот што градот се наоѓа под контрола на бунтовничката група М23.