Убиството на жена во хрватскиот град Слатина предизвика силни реакции во јавноста, откако нејзини блиски и членови на семејството тврдат дека таа повеќепати предупредувала дека е во опасност и барала помош од надлежните институции.
Според нивните тврдења, жената последен пат ја повикала полицијата само еден час пред да биде убиена, но полициски службеници наводно не излегле на терен.
Подоцна интервенирале соседите, кои побарале помош откако слушнале врисоци од децата. Меѓутоа, кога била повикана помошта, трагедијата веќе се случила.
По случајот се огласи и хрватскиот министер за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика Ален Ружиќ. Тој по седницата на Владата изјавил дека по увидот во документацијата било утврдено дека семејството ја имало целосната поддршка од системот.
Според министерот, „од формална страна сè било во најдобар ред“.
Сепак, тврдењата на блиските дека жртвата непосредно пред убиството барала помош отвораат сериозни прашања за постапувањето на институциите и за тоа дали трагедијата можела да биде спречена.







