Холандија продолжува со подготовките за воведување систем на селективна воена регрутација, кој би можел да биде активиран доколку безбедносната состојба во земјата се влоши или доколку вооружените сили добијат дополнителни задачи, вклучително и во рамките на НАТО.
Државниот секретар за одбрана Гијс Туинман изјави дека владата работи на законска регулатива со која Министерството за одбрана би можело да повика само онолку регрути колку што се неопходни во одреден момент. Како што објави холандскиот јавен сервис NOS, целта е армијата првенствено да се потпира на професионален кадар, со поддршка од доброволни резервисти, но да постои подготвен механизам доколку таквиот модел повеќе не биде доволен.
Според предложениот систем, регрутацијата би се одвивала во неколку фази. Процесот би започнувал со известување за подобноста на лицето, по што би следувале задолжителни лекарски прегледи и селекција, а во зависност од потребите и степенот на итност би можело да дојде и до задолжително стапување во воена служба.
Предвидени се четири дополнителни степени на обврска. Тие опфаќаат задолжително пополнување прашалник, задолжителен одговор на официјален повик, задолжително учество во процесот на селекција и, како последна и најсериозна фаза, задолжително стапување во воена служба.
Иако задолжителната регрутација во Холандија е суспендирана од 1997 година, законската обврска за воена служба технички сè уште постои за лицата на возраст од 17 до 45 години.
Со планираните измени, младите би имале поголема флексибилност околу периодот во кој би ја извршувале воената служба, која би можела да биде реализирана на возраст меѓу 18 и 27 години.
Предложената програма предвидува и шестмесечна обука како дел од пошироката шема за зајакнување на националната отпорност и подготвеност на земјата.
Од холандското Министерство за одбрана нагласуваат дека подготовките не значат автоматско враќање на масовната задолжителна воена служба, туку создавање механизам што би можел да се активира доколку околностите го наложат тоа.
Законодавниот процес и подготовките за евентуалното воведување на селективната воена служба се очекува да траат неколку години. Холандскиот парламент треба повторно да расправа за предлогот кон крајот на септември.







