Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на опасност од повторно ширење на морбилите, познати и како мали сипаници, поради намалениот колективен имунитет и недоволниот опфат на вакцинација.
Во својот годишен извештај, организацијата изрази особена загриженост за состојбата во Северна и Јужна Америка, како и во одредени делови на Европа.
Според објавените податоци, минатата година во светот биле регистрирани 59 големи епидемии на морбили, со проценети 9,8 милиони заразени и 72.000 починати.
Иако бројот на смртни случаи е намален за 91 процент во споредба со 2000 година, СЗО предупредува дека постигнатиот напредок може да биде загрозен.
Загрижувачки податоци за Македонија и регионот
Особена загриженост предизвикува нискиот опфат на вакцинација во неколку европски земји.
Според пренесените податоци, во Црна Гора опфатот со првата доза од вакцината против морбили изнесува само 13 проценти, што е далеку под светскиот просек од 84 проценти.
Под светскиот просек се наоѓаат и Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Романија.
Лекарските здруженија во Југоисточна Европа предупредуваат дека дезинформациите и теориите на заговор што се шират преку социјалните мрежи придонесуваат за недоверба кај дел од родителите.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, нагласи дека елиминирањето на болеста не значи дека борбата е завршена и дека за одржување на заштитата е неопходно секое дете да прими две дози од вакцината.









