Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Русија мора да развива сопствени системи за вештачка интелигенција за да спречи технолошка зависност од странски компании и држави.
Говорејќи на меѓународната конференција посветена на вештачката интелигенција, Путин потсети на последиците од повлекувањето на странските компании од рускиот пазар.
„Не смееме да дојдеме во ситуација во која веќе сме биле, кога некој ќе притисне копче и сè ќе престане да работи“, изјави рускиот претседател.
Тој нагласи дека технологиите за вештачка интелигенција стануваат сè поефикасни и дека наскоро животот без нив ќе биде речиси незамислив.
Вештачката интелигенција како моќно оружје
Путин предупреди дека вештачката интелигенција може да стане уште помоќно оружје, вклучително и во воената сфера.
Поради тоа, побара воспоставување ефикасен систем за заштита на државата, критичната инфраструктура, граѓаните и компаниите од кибернапади.
Русија најавува развој на нуклеарни централи
За да ги задоволи растечките енергетски потреби што ги носи развојот на вештачката интелигенција, Путин најави проширување на енергетските капацитети, вклучително и развој на големи и мали нуклеарни електрани.
Според него, нуклеарната енергетика претставува една од најголемите конкурентски предности на Русија.
Рускиот претседател предупреди и на значителни промени на пазарот на трудот, нагласувајќи дека во иднина речиси сите ќе мора да научат да користат вештачка интелигенција.
На конференцијата учествува и претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, со кого Путин разговарал за продлабочување на соработката во областа на високите технологии.






