Силна снежна бура ја зафати Чешка, предизвикувајќи сериозни проблеми во патниот и воздушниот сообраќај, бројни сообраќајни несреќи и голем број интервенции на службите за итни случаи.
Чешките пожарникари во изминатите два дена интервенирале во повеќе од 600 случаи, меѓу кои сообраќајни несреќи, паднати дрвја и возила заглавени во снегот.
Надлежните служби апелираат до возачите да бидат особено внимателни, да ја приспособат брзината на условите на патиштата и да избегнуваат непотребни патувања во отежнати услови.
Екипите за зимско одржување работат на расчистување на снегот од автопатиштата и локалните сообраќајници.
Невремето предизвика проблеми и во воздушниот сообраќај, а летовите на меѓународниот аеродром во Прага доцнеле по неколку часа.
Дополнителни проблеми имаат и жителите на чешката престолнина, каде што околу 26.000 домаќинства останале без греење и топла вода поради дефект на регионалниот топловод.






