ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПСКА ДРЖАВА ЈА ЗАТВОРА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈА: „Мораме да одговориме“

ЕВРОПСКА ДРЖАВА ЈА ЗАТВОРА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈА: „Мораме да одговориме“

Естонија од 1 декември ќе ја затвори својата граница со Русија, потврди естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна за време на посетата на Баку, главниот град на Азербејџан.

Според него, одлуката е донесена поради зголемената безбедносна загриженост и активностите за кои естонските власти ја обвинуваат Москва.

„Не сме среќни поради тоа, но мораме да одговориме и мораме да ја заштитиме и Европа“, изјави Цахкна, пренесува „Еуроњуз“.

Естонскиот министер предупреди на зголемен број наводни руски саботажи и напади насочени против европските земји, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на безбедноста.

Цахкна престојува во Азербејџан по повод официјалното отворање на естонската амбасада во Баку, во рамките на проширувањето на дипломатското присуство на Естонија во регионот на Јужен Кавказ.

За време на посетата разговарал и со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев за продлабочување на соработката во областа на енергетиката, трговијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Естонскиот министер во Баку пристигнал директно од Киев, каде што, според неговото сведоштво, бил присутен за време на силни руски ракетни напади.

Тој ја нагласи важноста од продолжување на меѓународната поддршка за Украина во пресрет на зимата.

Во објавените информации засега не се наведени детали за времетраењето на затворањето на границата, ниту за евентуалните исклучоци од оваа мерка.