Високи функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги напуштаат своите приватни домови и се преселуваат во обезбедени воени комплекси поради безбедносни закани.
Според Си-ен-ен, околу шестмина високи претставници на американската администрација избрале ваков вид сместување, што претставува невообичаено висок број за цивилни функционери.
Меѓу нив се министерот за финансии Скот Бесент, државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и државниот јавен обвинител Тод Бланш.
Според Еј-би-си њуз, Бесент неодамна го напуштил својот приватен дом поради наводни закани од Иран, чија природа и сериозност засега не се јавно обелоденети.
Американското Министерство за финансии соопштило дека заканите нема да го одвратат од спроведувањето на економскиот притисок и санкциите против Техеран.
Во воено сместување се преселил и високиот функционер на Белата куќа, Стивен Милер, заедно со своето семејство, поради закани, следење и јавно објавување на нивната домашна адреса.
Преселбите предизвикаа реакции во Конгресот
Користењето воени резиденции од страна на цивилни функционери отвори прашања за трошоците и условите под кои тие се сместени.
Конгресменот Џорџ Вајтсајдс побарал проверка дали функционерите плаќаат соодветни пазарни кирии за објектите што вообичаено се наменети за високи воени офицери.
Експертите предупредуваат дека ваквиот начин на живот, иако обезбедува дополнителна заштита, може да придонесе за уште поголемо оддалечување на политичките претставници од граѓаните.






