ПРВ.мк
Свет

МАФИЈАТА ГО КИДНАПИРАЛА 16-ГОДИШНИОТ ВНУК НА НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ: Дедото одбил да плати откуп, а она што следувало е страшно

МАФИЈАТА ГО КИДНАПИРАЛА 16-ГОДИШНИОТ ВНУК НА НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ: Дедото одбил да плати откуп, а она што следувало е страшно

Во јули 1973 година се случило едно од најпознатите киднапирања во историјата, чија жртва бил 16-годишниот Џон Пол Гети Трети, внук на тогашниот нафтен магнат и еден од најбогатите луѓе во светот, Џ. Пол Гети.

Тинејџерот бил киднапиран во Рим од лица поврзани со калабриската мафија „Ндрангета“, кои побарале откуп од 17 милиони долари.

На почетокот постоеле сомневања дека киднапирањето е инсценирано, а неговиот дедо категорично одбивал да плати. Својата одлука ја оправдувал со стравот дека плаќањето откуп би ги изложило на опасност и неговите останати 14 внучиња.

Киднаперите испратиле страшна порака

По неколку месеци заробеништво, киднаперите му го отсекле десното уво на момчето и го испратиле до еден италијански медиум.

Дури тогаш започнале сериозни преговори, по кои семејството се согласило да плати откуп од околу три милиони долари.

Милијардерот лично обезбедил 2,2 милиони долари, додека преостанатите 800.000 долари му ги позајмил на својот син со камата од четири проценти.

На 15 декември 1973 година, по 158 дена заробеништво, момчето било пронајдено во јужна Италија.

Кога се обидело телефонски да му се заблагодари на својот дедо, тој одбил да разговара со него.

Трагична животна судбина

За киднапирањето биле уапсени девет лица, но само две биле осудени. Поголемиот дел од парите никогаш не биле пронајдени.

Во 1981 година Гети доживеал мозочен удар, по кој останал парализиран, речиси слеп и со сериозно нарушена способност за говор.

Следните три децении живеел зависен од туѓа нега, а починал во февруари 2011 година, на 54-годишна возраст.