Жена од Гостивар, која била брутално претепана, вечерва е примена во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, со бројни повреди на главата и градниот кош, како и деформитети на лицето предизвикани од ударите.
Според информациите пациентката била примена во исклучително лоша состојба, по што лекарите започнале со медицински испитувања.
Раководителот на Ургентниот хируршки центар, доктор Дејан Здравковски, потврдил дека жената има повеќе повреди и дека во тек се иследувања за утврдување на нејзината здравствена состојба.
„Пациентката е на иследување, има повреди на градниот кош и на главата, деформитети на лицето. Настанот се случил вчера ама денес е пријавено. Полицијата е известена и разговара со неа. Жената е од Гостивар“, изјавил доктор Здравковски за „Слободен печат“.
Засега нема информации за идентитетот на напаѓачот, мотивите за насилството, ниту за околностите под кои жената била претепана.
Повеќе детали се очекуваат од надлежните институции.









