ПРВ.мк
Балкан

ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ, СЛУЧАЈОТ ЗА ДАНКА СТИГНУВА ПРЕД СУД: Познат датумот на првото рочиште!

ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ, СЛУЧАЈОТ ЗА ДАНКА СТИГНУВА ПРЕД СУД: Познат датумот на првото рочиште!

На 30 октомври пред Вишиот суд во Неготин ќе се одржи подготвително рочиште во случајот против Дејан Драгиевиќ и Срѓан Јанковиќ, кои се обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ.

Датумот за порталот „ZA MEDIA“ го потврди претседателката на судот Драгица Сингуриловиќ. Со судскиот совет ќе претседава судијката Јулијана Могош Живковиќ.

Подготвителното рочиште ќе биде затворено за јавноста. На него обвинителството и одбраната ќе ги изнесат своите ставови и ќе ги предложат доказите, по што судот треба да го определи датумот за главната расправа и официјалниот почеток на судењето.

Обвинителството бара доживотен затвор

Драгиевиќ и Јанковиќ се обвинети за тешко убиство во својство на соизвршители. Вишото јавно обвинителство во Зајечар предложило, доколку бидат прогласени за виновни, да им биде изречена казна доживотен затвор.

Според обвинението, на 26 март 2024 година во Бањско Поље, во близина на Бор, двајцата мажи со службено возило на ЈКП „Водовод“, каде што тогаш биле вработени, ја удриле двегодишната Данка Илиќ.

Обвинителството тврди дека потоа ја ставиле Данка во возилото, а подоцна нејзиното тело го однеле и го фрлиле на депонија. Според обвинителната верзија, телото подоцна било преместено на друга локација.

Телото на двегодишното девојче никогаш не било пронајдено.

Обвинението неколкупати било враќано

Постапката во овој случај траела долго и поминала низ повеќе фази пред обвинението да биде потврдено.

Апелациониот суд во Ниш двапати го вратил решението за потврдување на обвинението, по што истрагата била дополнително проширена.

Во една од своите претходни одлуки, Апелациониот суд навел дека нема очевидци на самиот настан, ниту материјални докази кои би потврдиле дека возилото ја удрило Данка. Било наведено и дека во возилото не биле пронајдени биолошки траги од девојчето.

Судот, меѓу другото, побарал реконструкција на настанот и дополнително испрашување на сведоци.

По дополнувањето на истрагата, Вишото јавно обвинителство во Зајечар повторно го поднело обвинението во февруари оваа година. Вишиот суд во Неготин го потврдил обвинението во делот што се однесува на Драгиевиќ и Јанковиќ.

Во текот на истрагата, двајцата обвинети првично го признале кривичното дело, според тогашните изјави на министерот за внатрешни работи и содржината на обвинението. Подоцна тие ги повлекле признанијата и тврделе дека биле претепани од полицајци и поради тоа признале.

Драгиевиќ и Јанковиќ сега ја негираат вината.

Постапката против таткото на Дејан е прекината

Во првичната верзија на обвинението бил опфатен и таткото на Дејан, Радослав Драгиевиќ.

Тој бил обвинет за непријавување на кривично дело и помагање на сторител по извршувањето на кривичното дело. Обвинителството тврдеше дека учествувал во преместувањето на телото на девојчето.

Вишиот суд во Неготин ја прекинал постапката против него, а одлуката станала конечна во август, откако Апелациониот суд во Ниш ја отфрлил жалбата на обвинителството.

Случајот го следи и смртта на братот на Дејан

Дополнителен дел од случајот се однесува на братот на Дејан, Далибор Драгиевиќ, кој починал на 7 април 2024 година за време на полициски притвор во Бор.

Тој бил приведен под сомнение дека помогнал во криењето на телото на девојчето.

Српското Министерство за внатрешни работи првично соопштило дека му се слошило и дека мртовечникот утврдил дека починал од природна смрт. Сепак, подоцнежната обдукција утврдила дека станува збор за насилна смрт, предизвикана од повеќекратни повреди на меките ткива и фрактури на коските.

Вишото јавно обвинителство во Ниш води посебна истрага за околностите под кои починал Далибор Драгиевиќ.

Според последните јавно достапни информации од август оваа година, предметот сè уште бил во фаза на предистражна постапка, а не било утврдено кој е кривично одговорен за неговата смрт.