Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска преку видео-конференциска врска се обрати на македонските мировници во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, во присуство на нивните семејства.
Таа им се заблагодари за успешното извршување на сложените задачи и за гордото претставување на македонската Армија и држава во мисиите во Косово, Босна и Херцеговина, Либан, Латвија, Романија, Бугарија и Германија.
Сиљановска-Давкова посочи дека македонските војници, со својот професионализам, дисциплина и посветеност, покажуваат висока компетентност и рамо до рамо со колегите од другите армии го извршуваат своето работење на највисоко ниво. Таа потенцира дека довербата на граѓаните кон Армијата произлегува токму од нивната стручност и посветеност.
На крајот од настанот, во предновогодишна атмосфера исполнета со детски џагор, Дедо Мраз и омилени цртани јунаци, претседателката заедно со министерот за одбрана и началникот на Генералштабот им поделија новогодишни пакетчиња на децата на мировниците и на децата на вработените во Министерството за одбрана, посакувајќи им Среќна Нова 2026 година.
















