Рускиот претседател Владимир Путин нареди подготовка на одмазднички мерки по, како што тврди Москва, смртоносен украински напад со дронови врз студентски дом во окупираниот град Старобилск во Луганската област.
Според руските власти, во нападот загинале најмалку 18 лица, додека уште три лица се водат како исчезнати и се претпоставува дека се затрупани под урнатините. Путин го осуди нападот, нарекувајќи го „терористички чин“, и побара од Министерството за одбрана да изработи предлози за воен одговор.
Од украинска страна, веднаш беа отфрлени руските тврдења. Киев соопшти дека цел на операцијата не бил цивилен објект, туку штаб на руската единица „Рубикон“, специјализирана за развој и користење на беспилотни системи.
Украинската армија нагласи дека не гаѓа цивилни цели, туку исклучиво воена инфраструктура која се користи во воените операции.
Во меѓувреме, конфликтот дополнително се интензивира, со зголемена употреба на беспилотни летала со долг дострел од страна на Украина, кои таргетираат руски воени и енергетски објекти, вклучително и цели длабоко на територијата на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така потврди дека украинските сили извршиле напад врз воено-индустриски објект во Пермскиот крај во Русија, на околу 1.700 километри од границата со Украина, нагласувајќи дека операциите продолжуваат во насока на слабеење на воената логистика на противникот.









