Снимките од денешниот студентски собир на плоштадот Славија во Белград укажуваат дека станува збор за еден од најголемите протести од ваков тип досега, објави организацијата „Архиви на јавни собири“ на социјалната мрежа X.
Од организацијата наведуваат дека проценката за повеќе од 100.000 присутни е тешка за конечна потврда и дека официјални податоци нема да бидат објавени во текот на вечерта.
Истовремено, тие предупредија дека јавноста треба да очекува „дезинформации и намалување на бројките“ од страна на полицијата и медиумите блиски до власта.
Студентското движење ги повика граѓаните на Србија на масовен протест во рамки на кампањата „Студентите победуваат“, со која се бараат предвремени парламентарни избори и поголема демократизација во земјата.
Протестните активности започнаа во 13 часот на неколку локации низ Белград, додека централниот собир на Славија беше закажан за периодот од 18 до 20 часот.
Во исто време, во близина на Пионирскиот парк, во таканаречениот „Ќациленд“, се организира и митинг на поддржувачи на владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ, под назив „Србија победува“.
Во пресрет на настаните, од кабинетот на Вучиќ беше соопштено дека тој ќе престојува во официјална посета на Кина од 24 до 28 мај.









