ПРВ.мк
Топ Вести

Турција воведува нов модел за справување со кучињата скитници - еве што се менува!

Турција воведува нов модел за справување со кучињата скитници - еве што се менува!

Турските власти соопштија дека дури 81 отсто од животните скитници веќе се згрижени низ целата земја, додека паралелно беше претставена и нова мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат незгрижени и повредени животни.

Информацијата ја објави генералниот директор за заштита на природата и националните паркови при турското Министерство за земјоделство и шумарство, Кадир Чифчи, при презентацијата на новиот систем за итни пријави.

Според него, од вкупниот број бездомни животни во Турција, 81 отсто веќе се сместени во прифатилишта во сите 81 округ во државата, додека околу 19 проценти сè уште се надвор од центрите за згрижување.

– Вкупно 81 отсто од животните скитници се згрижени во сите 81 округ на Турција. Од нив, 19 отсто остануваат вон прифатилиштата. Нивното згрижување е важно и за безбедноста на граѓаните и за здравјето на самите животни – изјави Чифчи.

Тој додаде дека животните ќе бидат сместени во модерни прифатилишта, а преку новата мобилна апликација граѓаните ќе можат лесно да испраќаат фотографии и информации за повредени или напуштени животни што се движат по улиците.

Властите во Турција веќе подолг период спроведуваат голема акција за отстранување на кучињата скитници од улиците. Законот со кој се предвидува милиони бездомни кучиња да бидат префрлени во прифатилишта беше усвоен претходно, а процесот започна пред речиси две години.

Особено внимание предизвика ситуацијата во Истанбул, каде градските власти наложија сите животни скитници да бидат сместени во прифатилишта најдоцна до крајот на мај 2026 година.

Според официјалните проценки на турското Министерство за земјоделство и шумарство, во земјата има околу четири милиони кучиња скитници. Сепак, Здружението на ветеринари тврди дека реалната бројка е многу поголема и може да надминува осум милиони животни.

Темата со бездомните животни во Турција со години предизвикува дебати меѓу властите, здруженијата за заштита на животни и граѓаните, особено поради безбедносните ризици, условите во прифатилиштата и начинот на третман на животните.