ПРВ.мк
Спорт

Вардар ја круниса сезоната со победа во големото дерби - еве кои придонесоа за оваа победа!

Вардар ја круниса сезоната со победа во големото дерби - еве кои придонесоа за оваа победа!

Вардар ја заокружи сезоната во Првата македонска фудбалска лига на доминантен и шампионски начин, откако пред својата публика на Арената „Тодор Проески“ ја совлада Шкендија со убедливи 3-0 во дербито на последното коло.

Иако натпреварот немаше резултатско значење, бидејќи двете екипи претходно ги имаа обезбедено своите позиции на табелата, дуелот донесе динамика, ривалство и неколку клучни моменти кои го одбележаа шампионскиот настап на Вардар. „Црвено-црните“ како нови шампиони обезбедија настап во квалификациите за Лигата на шампионите, додека Шкендија како вицешампион ќе игра во квалификациите за Конференциската лига.

Шкендија прва се закани преку Мазари, но голманот Талески реагираше сигурно. По тој почетен обид, Вардар ја презеде контролата врз играта и почна да создава сериозни шанси.

Во 20. минута дојде до првиот гол. По брза контра што ја започна Јанкулов, топката заврши во мешаница во шеснаесетникот, а Ајетовиќ несреќно ја испрати во сопствената мрежа за водство на Вардар од 1-0.

Само петнаесетина минути подоцна, Вардар ја дуплираше предноста. По одлично организирана акција, Горан Закариќ по асистенција од Стефан Цветковиќ рутински реализираше за 2-0 и ја зголеми предноста на домаќинот.

Во второто полувреме Шкендија се обиде да се врати во натпреварот и создаде две сериозни прилики, но одбраната на Вардар интервенираше спасувачки буквално на гол-линијата. Вардар возврати со обид на Азер Омерагиќ, но голманот Амзаи беше на висина на задачата.

Најдраматичниот момент се случи во 70. минута кога Шкендија доби пенал по прекршок на Најдовски врз Вебстер, откако ситуацијата беше проверена со ВАР. Љатифи ја презеде одговорноста, но Талески го одбрани неговиот удар. Пеналот беше повторен поради прерано излегување на голманот, но и вториот обид заврши идентично – Талески повторно го одбрани ударот и стана херој на натпреварот.

Пропуштените шанси скапо ја чинеа Шкендија, бидејќи во самиот финиш Бобан Николов го постигна третиот гол за Вардар и го постави конечниот резултат 3-0, со што шампионот на Македонија ја затвори сезоната на импресивен начин.