ПРВ.мк
Топ Вести

Невреме ја зафати Македонија – интензивни врнежи и ветер во овие делови од државата!

Невреме ја зафати Македонија – интензивни врнежи и ветер во овие делови од државата!

Силен пороен дожд проследен со засилен ветер попладнево го зафати Скопје, а нестабилното време предизвика нагло влошување на условите низ главниот град.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека над Скопската Котлина се движи распространета нестабилна облачна маса која доаѓа од североисток и се движи кон југозапад, при што во повеќе делови од градот се регистрирани интензивни врнежи, ретки грмежи и засилен ветер.

Метеоролозите предупредуваат дека локално постојат услови и за појава на суградица, особено во подрачјата каде облачните процеси се поинтензивни.

Освен во Скопје, врнежи и нестабилно време се регистрирани и во други делови од државата. Според радарските мерења на УХМР, пороен дожд има во околината на Велес, Пробиштип, Свети Николе и Валандово, додека врнежи се забележани претежно и во планинските региони.

Податоците на УХМР покажуваат дека во 14 часот најстудено било на Попова Шапка, каде биле измерени 10 степени Целзиусови, додека најтопло било во Гевгелија со 27 степени.

Според прогнозите, нестабилното време ќе продолжи и во текот на целиот викенд. Се очекуваат нови поројни дождови, грмежи, засилен ветер и можност за локално невреме во повеќе региони низ Македонија.

Метеоролозите најавуваат дека и од понеделник времето ќе остане нестабилно, со изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Краткотрајна стабилизација се очекува во вторник и среда, кога времето ќе биде претежно сончево и релативно топло.

Но, според најавите, веќе во четврток повторно се очекува промена на временските услови и нов бран врнежи, што значи дека променливото и нестабилно време ќе продолжи и во наредниот период.