Охрид и оваа година го одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, со богата културно-свечена програма посветена на нивното историско и духовно значење за словенската писменост и култура.
Од локалната самоуправа информираат дека преку серија настани ќе се оддаде почит на нивното дело и трајниот придонес во развојот на словенската писменост, духовност и културен идентитет, а граѓаните се поканети да учествуваат во одбележувањето на овој значаен празник.
Во рамки на програмата, денеска во 10:30 часот во Конгресниот центар во Охрид ќе се одржи научна конференција на тема „Континуитетот на кирилометодиевската традиција, изразен во Охридската книжевна школа“. На настанот поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот д-р Кирил Пецаков, како и професорките Маја Јакимовска-Тошиќ, Наташа Аврамовска и Александар Василевски.
По конференцијата, од 11:00 часот ќе следи научна сесија на која ќе учествуваат повеќе истакнати професори и истражувачи, меѓу кои Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Александар Василевски, Наташа Аврамовска, Соња Стојменска-Елзесер, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ели Лучевска, кои ќе зборуваат за значењето и континуитетот на кирилометодиевската традиција.
Светите браќа Кирил и Методиј, родени во Солун, потекнувале од угледно семејство и оставиле длабока трага во историјата на словенските народи. Методиј првично служел како офицер меѓу словенските племиња, а подоцна се замонашил, додека заедно со Кирил бил испратен во мисија кај Хазарите, каде придонеле за ширење на христијанството.
Подоцна во Цариград ја создаваат словенската азбука и започнуваат превод на богослужбени книги на словенски јазик. На повик од кнезот Ростислав дејствуваат во Моравија, каде ја зацврстуваат христијанската вера и ја прошируваат писменоста меѓу Словените.
Кирил умира во Рим во 869 година, додека Методиј ја продолжува мисијата до 885 година. По нивната смрт, нивните ученици го продолжуваат нивното дело на југ, во Македонија, при што Охрид станува едно од најважните духовни и книжевни центри на словенската традиција.









