Двајца мажи украле сеф со пари од фирма за брз трансфер на пари во Скопје, по што полицијата брзо реагирала и ги лишила од слобода осомничените.
Според информациите од СВР Скопје, на 22.05.2026 година околу 04:30 часот полициски службеници ги уапсиле П.П. (29) и Р.Ѓ. (20), двајцата од Скопје.
Се сомнева дека претходно, со употреба на физичка сила и соодветен алат, тие насилно влегле во простории на правно лице кое врши брз трансфер на пари, лоцирано на улицата „Козара“ во скопската населба Центар. Од таму бил одземен сеф со пари.
По пријавата и брзата интервенција на полицијата, одземениот сеф бил пронајден и вратен на сопственикот.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава против осомничените лица.






