ПРВ.мк
Република

ФОКУС НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Вонредна седница во Кавадарци - ова се барањата на лозарите!

ФОКУС НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Вонредна седница во Кавадарци - ова се барањата на лозарите!

Советот на Општина Кавадарци на денешната вонредна седница едногласно усвои серија заклучоци и иницијативи насочени кон помош на земјоделците кои претрпеа сериозни штети од пролетниот мраз што ги зафати земјоделските површини.

Советниците упатија барање до надлежното Министерство и Владата да се обезбедат зголемени субвенции за лозарите кај кои ќе биде официјално утврдена штета, со цел да се ублажат последиците од ниските температури кои сериозно ги оштетија насадите.

Меѓу усвоените иницијативи се и барања за ослободување од воден надоместок за наводнување, како и ослободување од закупнина за земјоделското земјиште за сите погодени површини. Советот дополнително инсистира и на зголемување на процентот на државно обесштетување за настраданите земјоделци.

Во заклучоците е наведено дека Општина Кавадарци ќе објави јавен повик, на кој граѓаните кои претрпеле материјална штета на земјоделските насади од природната непогода – ниски температури и мраз во мај 2026 година – ќе можат да ја пријават штетата.

По пријавувањето, специјално формирана комисија од Советот ќе излезе на терен за директен увид кај физички и правни лица. На основа на утврдената состојба ќе биде изработен елаборат со детален извештај за штетите, кој потоа ќе биде доставен до Владата за понатамошно постапување.

Седницата беше свикана по иницијатива на Левица, а советникот Бошко Бошев посочи дека штетите се особено тешки во одредени микро локации.

Тој истакна дека во делови како Шивец, покрај Црна Река и Дреново, има целосно измрзнување на насадите, при што штетите во одредени подрачја достигнуваат и до 100 проценти, што дополнително ја влошува состојбата на земјоделците во регионот.