Необично откритие во берлинската населба Панков предизвика голема акција на германската полиција, откако граѓанин за време на прошетка низ шума забележал сомнителен предмет и веднаш ги известил надлежните служби.
По интервенцијата на специјалните единици на германската криминалистичка служба, биле пронајдени дури 59 неексплодирани гранати од времето на Втората светска војна, закопани под земја.
Според информациите од полицијата, станува збор за советска муниција со калибар од 122 милиметри, а вкупната тежина на опасниот арсенал достигнувала околу 1,5 тон.
Пиротехничарите започнале сложена и внимателна операција за обезбедување и отстранување на гранатите, при што секоја била обработувана поединечно за да се избегне каков било ризик од експлозија.
Од берлинската полиција уверуваат дека во ниту еден момент немало директна опасност за населението, но нагласуваат дека ваквите операции бараат максимална претпазливост поради староста и нестабилноста на муницијата.
Случајот предизвика големо внимание и на социјалните мрежи, каде германската полиција објави и коментар со доза хумор, наведувајќи дека „во шумите на Панков има повеќе од само дрвја“.
Германија и денес редовно се соочува со пронаоѓање неексплодирани бомби и гранати од Втората светска војна, особено во Берлин и другите градови кои биле жестоко бомбардирани за време на конфликтот.









