Експлозијата се случила вчера, на 22 мај, во 19:29 часот по локално време во рудник управуван од групацијата Тонгџоу, во момент кога во објектот работеле 247 работници.
По силната експлозија, на терен веднаш се испратени стотици спасувачи, а државните медиуми објавија снимки на кои се гледаат медицински тимови кои носат носилки, додека амбулантни возила пристигнуваат во континуитет.
Според првичните информации, повеќе од 100 лица се пренесени во болница, додека операциите за пребарување и спасување сè уште траат во рудникот.
Кинескиот претседател Си Џинпинг по несреќата упати итен повик за максимални напори во лекување на повредените, како и за пронаоѓање на евентуални преживеани. Тој истовремено побара темелна истрага за причините и утврдување на одговорност.
Државните медиуми информираат дека дел од службениците кои управувале со рудникот се приведени, додека се истражуваат околностите под кои дошло до експлозијата на гас. Првичните податоци укажуваат дека нивото на јаглерод моноксид било над дозволените граници.
Во спасувачката акција се вклучени околу 345 припадници од шест специјализирани тимови за вонредни состојби.
Провинцијата Шанкси, каде се случи инцидентот, е еден од најважните центри на кинеската индустрија за јаглен, каде рударството има долга историја и чести безбедносни предизвици.
И покрај заострените безбедносни стандарди во последните години, Кина и понатаму се соочува со тешки рударски несреќи. Во 2023 година во Внатрешна Монголија загинаа 53 лица по колапс на отворен рудник, додека во 2009 година експлозија во Хејлонгџанг однесе над 100 животи.









