ПРВ.мк
Топ Вести

Голема промена на повидок: Oбјавен предлог што ги засега сите пациенти - дали ова ќе ја олесни набавката за лекови?

Голема промена на повидок: Oбјавен предлог што ги засега сите пациенти - дали ова ќе ја олесни набавката за лекови?

Министерството за здравство го објави на ЕНЕР предлог-законот за медицински средства, со што започнува јавна расправа за ново законско решение кое е дел од пошироката реформска агенда што опфаќа измени на 12 здравствени закони. Со овој предлог, областа на медицинските средства се издвојува во посебен закон, бидејќи досега била уредена заедно со лековите.

Од Министерството посочуваат дека целта е да се создаде појасна, посовремена и поефикасна правна рамка, која подобро ќе ги следи специфичните потреби на оваа област и ќе биде усогласена со европските регулативи. Новиот закон предвидува приближување кон ЕУ правилата 2017/745 и 2017/746, со што се воведуваат подетални процедури за производство, испитување, увоз, дистрибуција и контрола на медицинските средства.

Посебен акцент е ставен на дигитализацијата, односно воведување електронски постапки кои треба да ја зголемат ефикасноста, транспарентноста и брзината на административните процеси. Со тоа се очекува полесно управување со документацијата и подобра организација во институциите.

Законот носи и нови правила за клиничките испитувања, со цел подобра заштита на пациентите и учесниците, нагласувајќи ги нивната безбедност, достоинство и права. Со ова се настојува да се зајакне довербата во здравствениот систем и да се усогласи со европските стандарди.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека овој закон претставува значаен чекор во модернизацијата на системот и негово приближување кон европската пракса, со цел поефикасно функционирање и подобра заштита на јавното здравје.

Министерството ги повика сите стручни институции, организации и граѓани да се вклучат во јавната расправа, за конечното решение да биде што поквалитетно и применливо во пракса.