Британските власти најавија нова стратегија за патиштата со која стандардната ширина на лентите од 3,66 метри ќе биде променета, со цел да се намали ризикот при претекнување велосипедисти. Според упатствата на државната агенција Active Travel England (ATE), локалните патни ленти ќе се стеснат до 3,25 метри или ќе се прошируваат над 3,9 метри, зависно од конкретната улица или пат.
Целта на препораките е јасно да се покаже на возачите дека во тесните ленти нема доволно простор за безбедно претекнување, а велосипедистите треба да возат поцентрално во својата лента. Новите стандарди ќе влијаат на идни проекти вредни милијарди фунти, а општините кои нема да ги следат упатствата може да се соочат со намалување на државните средства за инфраструктура.

Возачките здруженија остро реагираат, предупредувајќи дека стеснувањето на лентите ќе предизвика поголеми сообраќајни гужви, конфликти помеѓу возачите и велосипедистите, и негативно ќе влијае на малите бизниси. Едмунд Кинг, претседател на AA и велосипедист, оцени дека е нереално да се менуваат сите патишта, особено оние кои постојат со векови, истакнувајќи дека британските патишта секогаш ќе бараат разбирање и толеранција.
Active Travel England истакнува дека во ленти од 3,66 метри возачите често се обидуваат опасно да претекнуваат, а широчината над 3,9 метри го намалува ризикот, но сепак можеби не обезбедува целосна безбедност. Тесните ленти од 3,25 метри, пак, јасно сигнализираат дека претекнување е ризично и треба да се избегнува.
Иако препораките не се законски обврзувачки, тие се сметаат за стандард за добра практика, а општините се очекува да ги почитуваат. Министерството за транспорт нагласува дека британската Влада не води „војна против возачите“ и продолжува да инвестира значително во патната инфраструктура, вклучително поправка на мостови, надвозници и тунели, како и поддршка за локални проекти.
















