Според последната анкета спроведена од Институтот за истражување на јавно мислење INSA за весникот „Билд“, мнозинството Германци се за воведување задолжителна воена служба за мажите родени по 2008 година.
Резултатите покажуваат дека 58 проценти од испитаниците ја поддржуваат ваквата мерка, 29 проценти не се согласуваат, а 13 проценти не можеле да одлучат.
Анкетата е спроведена во периодот 13-14 ноември меѓу 1.003 лица.
Германската влада неодамна постигна компромис за зајакнување на вооружените сили преку нов модел на доброволно регрутирање. Планот предвидува дека доколку доброволната служба не е доволна за пополнување на редовите на Бундесверот, парламентот ќе може да воведе задолжителна воена служба со случаен избор на регрути.
Сепак, анкета покажува дека 57 проценти од граѓаните не очекуваат доволно доброволци за да се постигнат целите на армијата, додека само 25 проценти сметаат дека моделот ќе биде успешен. Личната подготвеност за доброволно служење останува ниска – само 31 процент се подготвени, а 55 проценти целосно ја исклучуваат оваа можност.
Германија ја укина задолжителната воена служба во 2011 година, но законот дозволува нејзино повторно воведување со едноставно парламентарно мнозинство, особено во време на зголемена тензија или вонредни одбранбени состојби.
















