По повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, претседателката Гордана Силјановска-Давкова истакна дека време е да се следат инспиративните примери на државите каде рекреативното планинарење е дел од програмата по Физичко образование на сите образовни нивоа и масовно се практикува како елемент на здрав живот. Таа нагласи дека е потребна поголема промоција на планинарењето, како од страна на Министерството за спорт, така и на Министерството за образование, со цел омасовување на оваа активност.
Силјановска-Давкова предложи вклучување на искачување на планини во наставата по Физичко образование, како и изградба на соодветна инфраструктура во соработка со локалните самоуправи. Таа истакна потреба за планински домови, куќички, видиковци, но и сместувачки капацитети како одморалишта, хостели и хотели. „Можеме да почнеме со реновирање на постоечките планински домови, а подоцна и со градење нови. Иако се работи за големи инвестиции, очекуваната добивка и придобивка ќе биде сигурна за сите граѓани. Доволно е да ги следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон спортот и планинарењето“, нагласи таа.
Претседателката апелираше да се афирмира филозофијата на здрав живот и да се создаде култ кон планинарењето меѓу младите, со цел наместо да се насочуваат кон автомобили и алкохол, тие да се мотивираат кон физичка активност и спорт на планините. „Да го омасовиме рекреативното планинарење и да го направиме дел од секојдневниот живот на младите“, заклучи Силјановска-Давкова.
















