Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на антивоен собир во Мохач, јужна Унгарија, предупреди дека секој обид за посегнување по замрзнатите руски средства би претставувал објава на војна. Тој посочи дека замрзнатите руски средства во Белгија и другите европски земји не смее да се користат за финансирање на војната, бидејќи тоа би имало сериозни последици врз европската финансиска стабилност.
– Ако Брисел се обидува да ги земе руските пари, тоа е објава на војна, изјави Орбан, пренесувајќи го весникот Маѓар Немзет.
Орбан објасни дека секоја земја, вклучително и Унгарија, има свои девизни резерви кои често се чуваат во странски валути како долар или евро, и дека тие резерви се предмет на договори со странските држави каде се чуваат. Според него, посегнувањето по руските средства во Белгија е исклучително ризично, бидејќи Белгија има одговорност пред Русија за тие пари.
Премиерот предупреди дека продолженото мешање на ЕУ во овие средства може сериозно да ја загрози довербата на земјите во европскиот финансиски систем и да доведе до економски последици за Белгија.
Орбан ги критикуваше европските лидери кои најавуваат дека замрзнатите руски средства ќе се користат за финансирање на војната во Украина, истакнувајќи дека финансискиот товар не го сносат само сегашните граѓани, туку и идните генерации.
















