ПРВ.мк
Топ Вести

Претседателот на Романија: „Не сакаме војна, но сме подготвени за Русија“ - каков ќе биде одговорот на Путин?

Претседателот на Романија: „Не сакаме војна, но сме подготвени за Русија“ - каков ќе биде одговорот на Путин?
Kristal

Романскиот претседател Никушор Дан испрати јасна и недвосмислена порака до Москва, нагласувајќи дека Европа мора отворено да покаже подготвеност за одбрана, дури и по цена на директна конфронтација со Русија. Во интервју за Франс 24, Дан истакна дека Романија и Европската Унија не сакаат војна на европско тло, но дека Русија мора да знае оти Европа е подготвена да одговори доколку биде нападната.

„Не се плашиме од директна конфронтација со Русија. Европските позиции мора да бидат јасни. Мора да ѝ кажеме на Русија дека сме подготвени. Не сакаме војна, но ако сакате да нападнете – ние сме подготвени“, порача Дан.

Победа со проевропска и антикорупциска агенда

Никушор Дан беше избран за претседател во мај, освојувајќи 53,6 отсто од гласовите и победувајќи го крајнодесничарскиот, про-Трамп и евроскептичен кандидат Георге Симион. Дан ја изгради својата кампања врз проевропска ориентација, борба против корупцијата и јасна дистанца од руското влијание.

Тој се осврна и на контроверзните претседателски избори од ноември 2024 година, кои беа поништени од Уставниот суд поради неправилности поврзани со злоупотреба на TikTok како алатка за политичка кампања. Според Дан, таа одлука била исправна.

„Постоеше руско влијание и правилата за финансирање на кампањата не беа почитувани. Руската кампања за дезинформации започна пред десет години, но романските власти долго време ја потценуваа. Високотехнолошките алатки имаа сериозно влијание во последните недели од кампањата“, изјави претседателот.

Романија се вооружува: Растат воените трошоци

Како земја која дели 650 километри граница со Украина, Романија значително ги зголеми воените трошоци во последните години. Во 2024 година тие изнесувале 2,2 отсто од БДП, а во 2025 се очекува да достигнат 2,5 отсто.

Дополнително, Европската Унија ѝ одобри на Романија 16,7 милијарди евра преку програмата SAFE – кредитен инструмент со поволни услови наменет за зајакнување на одбранбениот сектор.

Дан смета дека во сегашниот геополитички контекст, одбраната повеќе не може да се третира како обичен сектор.

„Порано одбраната беше само уште еден ресор, како здравството. Денес, Европа мора да дејствува итно за да може да се одбрани во најкраток можен рок“, нагласи тој.

Од американско оружје кон европска одбрана

Иако Романија има потпишано долгорочни договори со американски компании за набавка на оружје, со важност до 2033 година, претседателот Дан најави јасен заокрет кон зајакнување на европската одбранбена индустрија.

„Во Франција веќе го потпишавме договорот за системот Мистрал. За хеликоптерите Ербас има реални шанси, а Талес веќе работи во Романија и може да добие нови договори. Купувањата финансирани преку програмата SAFE ќе бидат насочени кон Европа“, изјави Дан.

Безрезервна поддршка за Украина

Романскиот претседател испрати и силна порака за поддршка на Украина, нагласувајќи дека страдањата на украинскиот народ се ужасни и дека Европа мора да остане цврсто на страната на Киев.

„Мора да продолжиме да ѝ помагаме на Украина. Мора да им покажеме на Русите дека ќе ги поддржуваме Украинците на долг рок, вклучително и со безусловна финансиска поддршка“, порача Никушор Дан.

Со ваквите ставови, новиот романски претседател јасно се позиционира како еден од најгласните проевропски лидери во регионот, испраќајќи сигнал дека Источна Европа повеќе не сака да биде сива зона меѓу Западот и Русија.

FixCredit
Escape