Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека украинските сили го погодиле рускиот ракетен и вселенски центар во Самара, како и воен аеродром што се користел како база за руски борбени авиони.
Зеленски преку Телеграм наведе дека украинските сили извршиле успешен напад и врз руски нафтен објект во балтичкото пристаниште Уст-Луга, каде што, според него, била предизвикана материјална штета.
Локалните власти во Самарската област потврдија дека бил извршен напад врз индустриска инфраструктура во овој дел од Русија.
Според локалните власти, руската противвоздушна одбрана се справувала со масовен напад, а дел од индустриските објекти претрпеле ограничена штета. Не беа објавени повеќе детали за конкретните погодени локации.
Самарската област и претходно беше цел на украински напади со беспилотни летала. Меѓу целите беше и нафтената рафинерија во Сизран.
Киев во изминатиот период ги засили нападите врз руската воена и енергетска инфраструктура, со цел да ги намали капацитетите што Москва ги користи за водење на војната во Украина.








