ПРВ.мк
Свет

Ограничена продажбата на бензин во повеќе региони

Ограничена продажбата на бензин во повеќе региони

Неколку региони во Русија повторно воведоа ограничувања за продажба на бензин поради проблеми во работата на рафинериите и недостиг на гориво, објави ВЕСТИМАК.мк.

Во периодот од 10 до 15 август, најмалку шест региони ги вратиле или дополнително ги заостриле мерките. На одредени места е ограничена количината бензин што може да ја купи едно возило, додека во други се применува систем според регистарските таблички.

Во Калуга, возачите можат да полнат гориво во зависност од тоа дали последниот број на регистарската табличка е парен или непарен.

Во Липецк, пак, продажбата е ограничена на најмногу 30 литри по возило, а надлежните предупредуваат дека снабдувањето и понатаму не е доволно.

Ограничувања се воведени и во Оренбург по прекинот на работата на рафинеријата во Орск, која била погодена во напад со беспилотно летало.

Проблеми со снабдувањето се забележани и во други делови од земјата, додека руските власти се обидуваат истовремено да спречат поголем раст на цените на горивата.

Недостигот се поврзува со прекините во работата на дел од руските рафинерии по украинските напади, што го намалило капацитетот за производство на бензин и дизел.

Истовремено, Русија продолжува да извезува значителни количества сурова нафта. Во јули руската нафта учествувала со повеќе од половина во вкупниот индиски увоз, што укажува дека проблемот не е толку во достапноста на сурова нафта, колку во капацитетите за нејзина преработка во гориво за домашниот пазар.