Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека по завршувањето на војната со Иран има намера да го прогласи Ормускиот Теснец за територија на Соединетите Американски Држави, без да објасни како би можел да се реализира таков потег.
За време на настап во сојузната држава Њујорк, Трамп порача дека Иран претрпува тежок пораз и дека по завршувањето на конфликтот ќе следува одлука за стратешки важниот теснец.
„Откако ќе завршиме со поразот на Иран – а тој претрпува тежок пораз – наскоро ќе го прогласам Ормускиот Теснец за територија на САД“, изјави Трамп.
Ормускиот Теснец е еден од најзначајните поморски коридори во светот за транспорт на нафта и гас, поради што случувањата во регионот имаат директно влијание врз глобалниот енергетски пазар. Војната со Иран и проблемите со поморскиот сообраќај веќе предизвикаа силен раст на цените на нафтата.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека Техеран сè уште нема донесено одлука дали ќе ги продолжи преговорите со Вашингтон.
Тој ги обвини САД дека го прекршиле претходно постигнатиот договор со обновувањето на непријателствата, поради што, според него, веќе не може да се зборува за продолжување на договорениот прекин на огнот.
Пакистан и Катар продолжуваат да посредуваат и да одржуваат контакти со Иран, но Аракчи нагласи дека тоа не значи дека во моментов се водат активни преговори.
Вашингтон и Техеран претходно постигнаа рамковен договор кој требаше да обезбеди 60-дневен период за преговори, повторно целосно отворање на Ормускиот Теснец и можност за долгорочно решавање на конфликтот.
Сепак, непријателствата продолжија, а ситуацијата дополнително се влоши по нападите врз бродови во теснецот и обновувањето на американските операции насочени кон ограничување на иранскиот извоз на нафта.








