ПРВ.мк
Македонија

Нови инвестиции во Македонија: Три договори треба да бидат потпишани наесен

Нови инвестиции во Македонија: Три договори треба да бидат потпишани наесен

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Македонија е пред реализација на три нови инвестиции, за кои преговорите се во завршна фаза, а договорите се очекува да бидат потпишани во текот на есента.

Како што изјави Мицкоски, за време на престојот во Брисел остварил три средби со инвеститори кои се заинтересирани за вложување и проширување на своето присуство во земјава.

Еден од инвеститорите е од Германија, вториот од Соединетите Американски Држави, додека третиот планира проширување на веќе постоечка инвестиција во Македонија.

Според премиерот, преговорите се практично пред завршување и во моментов се усогласуваат последните детали од договорите.

„Сите три се во фаза на реализација, се пеглаат последните, би рекол точка-запирка делови од договорите“, изјави Мицкоски.

Тој очекува договорите да бидат разгледани на некоја од следните владини седници, по што во текот на есента јавноста ќе биде запознаена со повеќе детали за инвестициите.

Мицкоски информацијата ја соопшти одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортската сала во подрачно училиште во Кисела Вода.