Четириесет и четиригодишен жител на Тетово бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга, ѝ се заканувал, а потоа не ѝ дозволил да побара лекарска помош.
Според информациите од МВР, на 14 август околу 14:15 часот, полициски службеници од Полициската станица Тетово го лишиле од слобода И.Д. (44), постапувајќи по пријава од неговата 41-годишна сопруга.
Како што било пријавено, по претходна вербална расправија меѓу сопружниците, мажот физички ја нападнал жената и ѝ упатил закани.
Во нападот таа се здобила со телесни повреди, но сопругот, според пријавата, ѝ оневозможил да побара лекарска помош.
По интервенцијата на полицијата, 44-годишниот тетовец бил приведен и задржан во полициска станица.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.







