Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно планира да ја разреши сегашната амбасадорка на Украина во САД, Оксана Маркарова, во обид да излезе во пресрет на очекуваните политички промени во Вашингтон и да ја доближи Киев до Доналд Трамп, пишува Фајненшл тајмс.
Маркарова, која ја врши функцијата од 2021 година, веќе подолго време е мета на критики од некои републиканци кои сметаат дека е премногу блиска со администрацијата на Бајден. Сега, во пресрет на евентуалното враќање на Трамп во Белата куќа, замената на амбасадорката се толкува како стратешки потег на Зеленски во чувствителен период, кога американската воена поддршка за Украина виси во воздух.
Според британскиот весник, Киев и Вашингтон веќе преговараат за потенцијални наследници на Маркарова – имиња кои мора да имаат поддршка и од украинското раководство и од американските институции. Меѓу нив се споменуваат и актуелниот премиер Денис Шмигал и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Смената на амбасадорката е дел од поширока реконструкција на кабинетот, која Зеленски ќе ја објави идната недела. Промените не се гледаат како длабока стратегиска промена, туку како тактички одговор на политичките и дипломатските предизвици што му се закануваат на Киев, оценуваат аналитичари.
Додека Русија не запира со нападите, а американската помош доцни, Зеленски очигледно се обидува да се позиционира на време – без разлика кој ќе биде во Белата куќа во 2025.