ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Москва под масовен напад со дронови: Пожари и експлозии во повеќе населени места

(ВИДЕО) Москва под масовен напад со дронови: Пожари и експлозии во повеќе населени места

Украина во текот на ноќта изврши масовен напад со беспилотни летала врз Москва и поширокиот московски регион, при што биле погодени повеќе објекти, а регистрирани се и повредени лица.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила најмалку 197 украински дронови над поширокиот регион на руската престолнина. Според неофицијални информации, во нападот биле употребени повеќе од 600 беспилотни летала, но оваа бројка засега не е независно потврдена.

Регионалниот гувернер Андреј Воробјов изјави дека беспилотни летала погодиле магацин на „Вајлдберис“, најголемата руска компанија за онлајн трговија, како и други објекти во близина на Москва.

Според неговите информации, најмалку три лица се повредени, а меѓу нив има и 10-годишно девојче.

Во текот на нападот биле пријавени пожари на повеќе локации. Во Павловски Посад, околу 67 километри од Москва, избувнал пожар на покривот на станбена зграда. На социјалните мрежи се појавија тврдења дека зградата била погодена при дејствување на руската противвоздушна одбрана, но тие информации не се официјално потврдени.

Пожар бил пријавен и во фабрика за алуминиум во Московскиот регион, како и во семејна куќа во Љуберци, на периферијата на главниот град.

Драматични снимки се појавија и од Стараја Купавна, источно од Москва. На нив се гледаат жители кои се движат по улиците додека во позадина одекнуваат силни експлозии.

Точниот обем на материјалната штета сè уште не е познат, а дел од информациите и снимките што кружат на социјалните мрежи не се независно потврдени.

Нападот претставува еден од поголемите бранови со беспилотни летала насочени кон московскиот регион, додека војната меѓу Русија и Украина продолжува со сè почести напади длабоко зад линијата на фронтот.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА