Јапонија се подготвува за силниот удар на тајфунот Духуан, кој донесе поројни врнежи и силни ветрови во источниот дел од земјата, предизвикувајќи сериозни нарушувања во сообраќајот и промени во голем број активности.
Најмалку 275 авионски летови се откажани, а повеќе од 1,6 милиони жители во Токио и околните подрачја добиле повик за евакуација поради опасностите што ги носи невремето.
„Џапан ерлајнс“ откажал 135 летови, додека „Ол Нипон ервејс“ откажал уште 140, според податоците објавени од АФП. Проблеми има и во железничкиот сообраќај, со прекини на дел од линиите во Токио и соседните региони.
Последиците од тајфунот се почувствуваа и на Азиските игри во Аичи. Организаторите го одложија натпреварувањето во коњички спортови за вторник, а временските услови и претходните бури веќе доведоа до промени во распоредот на дел од натпреварите.
Духуан носи ветрови со брзина од околу 130 до 144 километри на час, додека се наведуваат и налети кои достигнуваат до 194 километри на час. Јапонската метеоролошка агенција предупреди дека количината на дожд до вторник на одредени места може да го надмине просекот што вообичаено се бележи во текот на целиот септември.
Најтешка е состојбата во делови од островите Изу и во поширокиот регион околу Токио. Во Ошима е активирано петтото, односно највисокото ниво на предупредување поради опасност од свлечишта, додека во други делови на Канто се издадени предупредувања од четврто ниво.
Количината на дожд веќе предизвика сериозна загриженост. Во Изу Ошима во период од само 24 часа биле измерени 565 милиметри дожд, додека во дел од префектурата Чиба паднале 279,5 милиметри.
Обилните врнежи веќе предизвикале поплави и свлечишта. Во Јокосука спасувачките екипи трагаат по жена во шеесеттите години, откако свлечиште погодило куќа.
Во Содегаура, пак, спасувачите успеале да извлечат работник кој паднал во бамбусова грмушка со тешка механизација додека расчистувал последици од свлечиште. Акцијата траела околу три часа, по што човекот бил спасен и пренесен во болница.
Невремето го наруши и секојдневниот ритам на Јапонија. „Токио гејм шоу“, еден од најголемите саеми за видеоигри во светот, го прекина последниот ден порано, додека во Чиба биле откажани музички фестивал и бејзбол-натпревар.
Проблеми има и во меѓународниот распоред на јапонските власти. Поради тајфунот било одложено и патувањето на премиерката Санае Такаичи за Њујорк, каде што треба да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации. Нејзиното полетување било поместено за четири часа.
Духуан е 25. именувана бура што годинава го погодува регионот на Јапонија. Невремето се движи североисточно долж пацифичкиот брег, а метеоролозите предупредуваат дека продолжените и обилни врнежи дополнително го зголемуваат ризикот од поплави и свлечишта.






