Градоначалникот Митко Јанчев, заменик-градоначалникот Ванчо Настов и дел од советниците на Општина Кавадарци денес остварија значајна работна средба со Н.Е. Џијанг Сјаојан, амбасадорка на Народна Република Кина во Северна Македонија, придружувана од претставници на Амбасадата.
Главна тема на разговорот беа можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, размената на искуства и воспоставувањето нови стратешки партнерства.
Клучен момент од посетата беше официјалното потпишување на Договорот за пријателство, соработка и збратимување меѓу Општина Кавадарци и Градот Јиву од Народна Република Кина, кој во име на општината го потпиша заменик-градоначалникот Настов.
Овој договор отвора широки можности за конкретна соработка во следните клучни области:
- Економија, трговија и логистика
- Технологија и иновации
- Образование и спорт
- Култура и туризам
Градот Јиву е глобално познат како еден од најголемите трговски и логистички центри во светот и претставува стратешка точка на современите коридори во рамки на глобалната иницијатива „Појас и пат“. Партнерството со град од олкав ранг за Кавадарци значи отворање нови врати за економски развој, привлекување проекти и директно поврзување на локалните и кинеските бизнис-сектори од заеднички интерес.





