Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци продолжува со интензивна реализација на конкретни теренски активности со цел подобрување на системот за одведување на атмосферските води во градот.
На Западен Булевар во тек е изградба на нова атмосферска линија во должина од 120 метри. На оваа делница се поставуваат висококвалитетни коругирани цевки со пречник Ф500, со што конечно и трајно се решава долгогодишниот проблем на граѓаните со задржувањето на атмосферските води при пообилни врнежи.
Паралелно со овие градежни зафати, се работи и на улицата „Диме Туриманџов“, каде што се поставуваат нови атмосферски линии и сливни решетки. Главната цел е да се овозможи поефикасно прифаќање и брзо одведување на обилните количини вода што се создаваат за време на поројни дождови.
Сите активности се реализираат како директна инвестиција на ЈП „Комуналец“ со сопствена механизација и изведба. Од претпријатието истакнуваат дека ова е дел од нивната долгорочна стратегија за системско и трајно решавање на критичните инфраструктурни точки во Кавадарци.





