Македонски државјанин, кој има 46 години, бил уапсен на граничниот премин Евзони при влез во Грција, откако било утврдено дека по него е распишана европска потерница од италијанските власти.
Апсењето се случило во саботата, а според информациите на грчката државна новинска агенција АНА-МПА, Италија го бара 46-годишникот поради случај поврзан со трговија со наркотични средства.
Италијанските власти бараат негово екстрадирање со цел да ја издржи казната која му била изречена за учество во трговија со 35 килограми кокаин.
Случајот датира уште од 2007 година. Според досегашните информации, тогаш наркотиците биле транспортирани од Шпанија до Неапол.
По апсењето на Евзони, македонскиот државјанин треба да биде изведен пред надлежното обвинителство во Солун. Таму ќе биде спроведена постапката врз основа на европската потерница, по што ќе се одлучува и за неговото евентуално екстрадирање во Италија.





