Во Владата се одржа јавна консултативна средба на која пред медицински работници, пациентски организации, комори, државни институции и ИТ експерти беше официјално претставена нацрт-Стратегијата за дигитално здравство за периодот 2026–2030 година.
Оваа стратегија најавува комплетна трансформација на начинот на кој граѓаните ќе ги користат здравствените услуги, со цел да се стави крај на непотребните административни лавиринти и повторувања на медицинските процедури.
Што конкретно носи новата стратегија за пациентите?
- Поврзаност без повторување на анализи: Медицинските податоци автопатски ќе патуваат со пациентот. Од матичниот лекар, преку специјалистот и болницата, па сè до лабораторијата и аптеката – сите податоци ќе бидат достапни на едно место, со што се елиминира повторувањето на историјата на заболувања и непотребното повторување исти анализи.
- Онлајн пристап преку „Мое здравје“: Секој граѓанин ќе има директен пристап до своето комплетно електронско здравствено досие во секое време преку интернет, со користење на надградениот национален портал „Мое здравје“.
- Целосна контрола и транспарентност: Пациентите ќе имаат јасен увид во тоа кој медицински работник пристапувал до нивните податоци, ќе можат да побараат корекција на информациите, како и да дадат или повлечат согласност за увид.
- Правна рамка за телемедицина: Со воведувањето на регулатива за телемедицина, ќе се овозможи следење на хроничните пациенти од далечина. Ова ќе биде од посебно значење за граѓаните кои живеат во руралните и пооддалечените средини.
Финансиска поддршка од Европската Унија
Стратегијата е изработена во рамки на проектот „Надградба на системот за е-здравство“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија.Сите конструктивни забелешки и коментари од денешната консултација ќе бидат дополнително вградени во финалниот текст пред тој официјално да биде доставен до Владата на усвојување.





