ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) 17 МИНУТИ ДО СМРТОНОСНИОТ СУДИР ВО ШПАНИЈА: Контролорите имале неколку предупредувања, но никој не наредил возот да запре!

(ВИДЕО) 17 МИНУТИ ДО СМРТОНОСНИОТ СУДИР ВО ШПАНИЈА: Контролорите имале неколку предупредувања, но никој не наредил возот да запре!

Истрагата за тешката железничка несреќа во Шпанија, во која загинаа најмалку 68 лица, се фокусира на прашањето зошто никој од надлежните во контролниот центар не реагирал во период од цели 17 минути, иако постоеле предупредувања за опасност од судир.

Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, ситуацијата ја оцени како „неразбирлива“. Според досегашните информации, брзиот воз „АВЕ“ (AVE), со 397 патници, поминал околу 25 километри и се приближил до запрениот воз на компанијата „Ирио“ (Iryo), во кој имало 147 патници.

Истражителите се обидуваат да утврдат како контролорот на железничкиот сообраќај, неговиот помошник и супервизорот не ја спречиле опасната ситуација, иако имале информации дека еден од возовите не може да продолжи со движењето. Според пишувањето на шпанскиот весник „Ел Паис“, истрагата е насочена кон можноста за човечка грешка.

Во периодот меѓу 8:36 и 8:53 часот, според министерот, несреќата можела да биде спречена со едноставна наредба машиновозачот на возот „АВЕ“ да закочи. Пуенте директната одговорност за одлуките во контролниот центар ја поврза со работата на контролорот.

Контролорот во моментот е во контролниот центар, придружуван од адвокат и со обезбедена психолошка поддршка. Тој бил испрашуван и од полицијата, но одлучил да комуницира исклучиво преку својот адвокат и полициските службеници испратени од истражниот судија. Пуенте потврди дека лично не разговарал со него, пренесува „Индекс“.

Контролорот не работел сам. Со него бил помошник, додека надзор вршел и супервизор. И покрај тоа, никој не издал наредба возот „АВЕ“ да запре или барем да ја намали брзината.

Според Пуенте, случајот е уште потешко да се разбере затоа што еден од шесте машиновозачи претходно го предупредил контролорот дека, во случај на дефект на информацискиот систем, протоколот предвидува таканаречено „возење по вид“. Тоа значи дека возот треба да се движи со зголемена претпазливост и со ограничена брзина од најмногу 40 километри на час.

Сепак, контролорот им наредил на машиновозачите да продолжат „нормално“, односно со полна брзина. Засега нема јасен одговор зошто, по предупредувањето, не им наредил на сите возови да ја намалат брзината, вклучително и на „АВЕ“ кој подоцна се судрил со запрениот воз.

Технички експерти и владини извори наведуваат дека контролорот имал три предупредувања што укажувале на опасност. Првото било известувањето од возот на „Ирио“ дека поради дефект не може да тргне. Второто било приказот на неговиот екран, на кој можел да забележи дека возот стои во место. Третото било црвениот сигнал на делницата, кој бил активен токму кога контролорот издал наредба за повторно воспоставување на сообраќајот.

Министерот нагласи дека редоследот на настаните е јасен и дека го потврдуваат и повеќе владини извори. Одлуките и наредбите биле евидентирани во аудиоснимки и во писмена форма, а техничките експерти веќе започнале со нивна анализа.

Како започнале проблемите на железничката линија?

Проблемите започнале околу 8:30 часот наутро, кога дошло до дефект на системот LZB, кој се користи за управување и контрола на движењето на шпанските брзи возови.

Според објаснувањето на Пуенте, дефектот бил предизвикан од грешка во комуникацијата меѓу компјутерите. Иако ваквите проблеми се ретки, министерот посочи дека тие сепак се случуваат.

Кога системот ќе откаже, безбедносниот протокол предвидува автоматско запирање на сите возови во засегнатиот дел од пругата. Токму тоа се случило и во овој случај. Според информациите од Владата, на таа делница се наоѓале шест возови, по три во секоја насока.

Кога автоматизираниот систем престанал да функционира, контролата преминала во рацете на операторите. Пуенте објасни дека ова е вообичаен принцип и во други видови транспорт, вклучително и во авијацијата: кога автоматизираните системи откажуваат, човекот ја презема контролата.

Во конкретниот случај, одлуките ги носел тим составен од контролор, негов помошник и супервизор.

Само шест минути по запирањето на возовите, односно во 8:36 часот, контролорот одлучил сообраќајот повторно да продолжи. Тој преку телефонски и писмени наредби им дозволил на возовите да продолжат со „нормално“ движење.

Тука се појавува едно од клучните прашања на истрагата: како контролорот можел да им даде таква наредба на сите возови, ако на своите екрани можел да види дека еден од нив сè уште стои на пругата? Дополнително, тој добил и директна информација од екипажот на возот „Ирио“ дека композицијата има дефект и не може да продолжи.

„Судир меѓу два воза е навистина неверојатен“

На прес-конференцијата, министерот Пуенте изјави дека судир меѓу два воза во шпанската железничка мрежа е исклучително невообичаен настан.

Тој потврди дека ја разгледал целосната реконструкција на несреќата и ги преслушал снимките од комуникацијата меѓу контролниот центар и возовите.

„Човечка грешка на оператор од Adif, по дефект на примарниот систем за сигнализација“, беше оценката што ја повтори министерот за причините што довеле до инцидентот.

Според досегашните наоди, дефектот на системот LZB околу 8:30 часот го запрел движењето на шесте возови, по што контролата преминала во рацете на персоналот во контролниот центар. Истражителите сега треба да утврдат зошто, и покрај предупредувањата и информациите за запрениот воз, не била издадена навремена наредба за запирање или намалување на брзината на возовите.

Истрагата продолжува со анализа на техничките податоци, снимките од комуникацијата и одлуките донесени во критичните 17 минути пред судирот.

ВИДЕО

Најнови вести