Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, испрати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на лицата кои заминуваат во Бугарија додека се соочуваат со македонското правосудство. Осврнувајќи се конкретно на случајот со Ива Михаилова, тој нагласи дека и земјите-членки на Европската Унија мора да ги почитуваат највисоките европски стандарди за владеење на правото.
„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото. Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие што или се осудени за кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, изјави Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија посочи дека ќе биде внимателен со јавните изјави за оваа тема. Повикајќи се на ставот на премиерот Христијан Мицкоски, порача дека Македонија нема интерес да стане дел од „естрадата“ поврзана со ова прашање во Бугарија, особено во период кога во соседната држава се одржуваат претседателски избори.
Муцунски истакна дека и покрај актуелните случувања, Македонија продолжува со интензивните дипломатски активности насочени кон деблокирање на процесот на евроинтеграции. Тој нагласи дека дијалогот со Бугарија не е прекинат, но дека се одвива во координација и со активна комуникација со сите земји-членки на Европската Унија.
„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за кое работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски.
Со ова, министерот повтори дека дипломатските разговори со Софија продолжуваат, но дека секој договор поврзан со европскиот пат на Македонија мора да биде прифатлив и за сите останати членки на Унијата.




